„Книга на немирот“ од Фернандо Песоа

 

...Читајќи го португалскиот автор Фернандо Песоа, имате впечаток дека читате повеќе различни автори оддеднаш. Неговата меланхоличност и осаменост правела да создава свои светови, онакви какви што не можел да најде во вистинскиот, реалниот свет.

Фернандо Песоа е еден од најголемите европски книжевници во првата половина на 20 век. За време на својот живот, Песоа бил скоро непознат на јавноста, но по неговата смрт бил пронајден огромен куфер со негови белешки, размисли и записи. Во нив , не се наоѓал само тој, туку и голем број на други ликови – хетероними за кои денес се смета дека се повеќе од осумдесет. Со нив тој се соживувал, живеел, разговарал, се расправал, па некои дури и ги погребал.

Многу години му требале на книжевниот историчар Хероним Писар да ги дешифрира ракописите на Песоа и да ги објави во книга во 1983 година.

„Книга на немирот“ се состои од околу 500 фрагменти во кои има негови размисли за книжевноста, секојдневниот живот, за смислата на постоењето и самиот живот воопшто.  Иако книжевноста му била на прво место, тој длабоко размислувал и за светот што го опкружува, не наоѓајќи никакви оправдувања за било каква неправда или зло. Водејќи се од идејата за деконструкција и демистификација на книжевното творештво, тој со намера остава фрагменти во фрагментите, објаснувајќи потоа што точно мислел. Често ја користи идејата на двојност, која на моменти му изгледа интересно, но на моменти го плаши. „Книга на немирот“ го враќа човекот кон луѓето и човечноста, без притоа да мора да промени нешто во нив. Всушност, оваа книга претставува современ книжевен одговор -  фрагментиран, а сепак целосен. Или, како што вели и самиот Песоа, оваа книга води кон автобиографија без факти на душевниот живот на еден модерен субјект, кој поради универзалноста на своите искуства може да биде сечиј и ничиј истовремено.