Др.Андреј Курпатов – лекар и психотерапевт

Рускиот творец на современиот модел на психологијата Др.Андреј Курпатов е автор на голем број книги, монографии и научни трудови, кои наишле на огромен прием од светската читателска публика пред се’ поради нивната приемчивост, напишани со едноставен разбирлив јазик,и иако  на моменти исполнети со иронија сепак, навистина помагаат да се живее.

Еве, неколку извадоци од неговата книга „ Пронајди спокој во својата душа “.

„ Нашиот живот е една огромна градба што ја градиме камен по камен. Не се обидувајте да ја градите според однапред строго одреден план. Во секој миг условите може да се променат и да се испостави дека планот не одговара. Но, секој пат кога вградувате нов камен, не заборавајте дека тој е основа за следниот. Ако првиот го ставите лошо другиот ќе го ставите уште полошо, и во еден миг ќе се сруши целата конструкција. Што порано го забележите промашувањето, помалку ќе имате за поправање. Затоа немојте да се плашите од тоа каменот да не го ставите неправилно, плашете се тоа да не го откриете предоцна“.

Многу грешиме ако мислиме дека не треба да ги почитуваме законите на животот, дека можеме целосно да измениме друг човек и дека само упорноста е решение за секоја ситуација. На тој начин единствено продолжуваме тврдоглаво да грешиме. Ќе истрошиме енергија, а нема да постигнеме ништо. Затоа ќе направиме многу глупости. Најважно од се’, ќе ја изгубиме вербата во себе и сопствените способности “.

„ Ниту случајно не треба да размислувате дека правите услуга кога работите нешто за друг. Размислувајте за тоа дека правите добро за себе. Навистина е така. Ако вистински се грижите за друг човек и ако тој забележи дека вашите намери се искрени, ќе му бидете мил. Ова не е прашање на долг, туку обичен условен рефлекс кај човекот “.

Кога глумам јас и другите луѓе се принудени да глумат. Кога глумат тие, јас морам ним да им се прилагодувам. Во секој случај, сите престануваме да бидеме оние вистинските. Меѓу нас недостасува комуникација, контакт и искреност. Ние само глумиме дека го правиме тоа. Многу успешно имитираме искреност. Тоа го правиме толку добро што дури и самите си веруваме “.

„ Сакаме да бидеме „добри“. Меѓутоа, „добар“, односно „лош“ е само оценка, а „среќен“ и „радосен“ е состојба. Ние постојано му се додворуваме некому, наместо да живееме. Најголемиот резултат што можеме да го постигнеме на тој начин се глупостите и измамите. И за нив, бараме оправдувања, објаснувања. Ги пронаоѓаме оние кои не’ наведуваат на такви постапки и нив ги обвинуваме за се, бидејќи не сме во состојба да излеземе сами на крај со глупостите и измамите“.

„ Љубовта спрема другите луѓе не се состои во тоа да се принесуваме себе си како жртва во нивната несреќа, туку да научиме самите да бидеме среќни и да им носиме среќа на другите“.