# Браќата Карамазови

*https://matica.com.mk/product/brakjata-karamazovi-2/*

**Price:** 750 ден

**Availability:** in stock

**SKU:** 037868

„Браќата Карамазови“, последното и најпопуларно дело на Фјодор М. Достоевски, е едно од врвните достигнувања во светската литература. Според Фројд, најголемиот роман на сите времиња.

Раскошна филозофска расправа која покренува низа етички проблеми за природата на Бог, слободата на волјата, правдата и етичноста. Вистинска драма за моралните борби околу верата и сомнежот, разумот и емоциите, разбирањето и осудувањето. Проникнат со алчност и љубомора, љубов и страдање, тага и душевна благородност, овој роман е истовремено и теолошка и психолошка полемика. За Ниче, Достоевски е најдобриот психолог од кого научил многу за животот.

Романот бил објавуван во текот на 1879–1880 година во списанието „Руски весник“. Според него се снимени многу филмови и серии, поставени се театарски пиеси и постојано доживува нови изданија низ целиот свет. Неговото дејство се случува во Русија, во XIX век, и сведочи за распаѓањето на едно имотно семејство составено од тројца браќа, толку различни меѓу себе што немаат речиси ништо заедничко освен нивниот неморален татко.

Полн со симболи, желба за правда и сострадание за на крајот животот да се сведе на само еден сончев зрак. Ако го гледаш, жив си. А ако си жив, сѐ уште имаш можност да го откупиш животот.

По Библијата, „Браќата Карамазови“ е веројатно највредниот трансисториски бестселер за природата на доброто и злото. Какво мајсторство е да го покажеш Божјото зрно во различна изртеност кај тројца браќа Дмитриј, Иван и Аљоша, како и семето на злото кај нив и нивниот татко Фјодор, во различни големини? И зошто кај некого едното го надраснува другото, а кај некои второто го задушува првото? Вечни прашања и страшни филозофски стрмнини пред читателот од можеби најголемиот гениј во уметноста воопшто, книжевниот Моцарт. Бестселер што не пламнува како слама, туку топли со тивка и трајна, вечна жар.
