Боже мој! Цела минута блаженство! Та зар малку е штоа, макар и за цел живот?…
Уште во раната младост Фјодор М. Достоевски ја определил својата главна писателска задача: „Човекот е тајна. Таа мора да се одгатне, а ако ја одгатнуваш дури и сиот свој живот, немој да велиш дека си го изгубил времето; јас се занимавам со таа тајна затоа што сакам да бидам човек.“
Повеста „Бели ноќи“ е едно од најдобрите дела од школата на сентименталниот натурализам, во која Достоевски го следи своето книжевно кредо. Во нему својствен манир, низ призмата на љубовното сиже, ни ја разоткрива психата на еден млад човек што се наоѓа на својот животен крстопат и во расчекор со светот во кој не може да се пронајде.
„Бели ноќи“ е лирска исповед на еден дваесет и шестгодишен младич, сиромашен државен службеник и вистински мечтател, кој живее во својот замислен, фантастичен свет. Сè се менува кога во неговото постоење накратко се појавува вистинска девојка, која го враќа во реалниот свет будејќи во него најубави човечки чувства и желба за посветла иднина…



