Секогаш викам „Драго ми е што се запознавме“ на некој што воопшто не ми е драго што сум го запознал. Ако сакаш да останеш жив, мораш да кажуваш такви глупости.
Се ближи Божик, а Холден Колфилд штотуку е избркан од училиште.
Повторно.
Напуштајќи го школото, смрзнат и понижен, тој два-три дена талка низ Њујорк барајќи утеха во барови и минливи средби и подготвувајќи се за средба со родителите…
Градот е прекрасен и истовремено ужасен и со сета своја празнична меланхоличност носи измешано чувство на можност и празнина. Спасот е само една (за)мисла: поле со ‘рж во кое Холден е чуварот што ги спасува децата да не паднат во стапицата на вистинскиот живот.
Одисеја за напуштањето на детството, загубата, но и (себе)пронаоѓањето, Чуварот во ‘ржта е синоним за книжевна контроверзија на 20 век. Еднакво предизвикувачки е и преводот на Румена Бужаровска, кој го доловува сиот отпор кон културните и општествените вредности на неприлагодените во светот, кои често завршуваат со крах. Но некогаш стануваат и класика.



