На сивиот гранит поставен во долината Кулу, се врежани следните зборови: „Овде беше предадено на огнот телото на Махариши Николај Рерих, големиот пријател на Индија“. Но, неговиот главен споменик во Индија е Институтот за хималајски истражувања – Урусвати, што тој го основал во Нагар, а кој и ден-денес работи. На санскрит Урусвати значи Светлина на Утринската Ѕвезда.
Николај Рерих (1874-1947) бил руски сликар, философ, археолог и одличен познавач на традициите на Истокот. Креативното наследство на Рерих е огромно. Оставил повеќе од седум илјади слики раштркани низ целиот свет, безбројни книжевни дела – книги, есеи, дневници… Ја пропатувал цела Азија, долго живеел во Индија и бил еден од ретките Европејани што го посетил Тибет во 19 век. Во 1924 година ја започнал неговата најголема, надалеку прочуена Централно-Азијска експедиција, која траела 4 години и ги опфатила тешко достапните предели на Тибет и Хималаите. Интересно е да се каже дека во експедициите присуствувало целото негово семејство, сопругата Елена и двајцата синови.
Исто така голема заслуга на Николај Рерих, со која го задолжил светот е познатиот Рерихов Пакт – првиот меѓународен договор во историјата, за заштита на културното наследство. Тој е еден од трите основни договори кои влегоа во состав на Хашката конвенција од 1954 година.
Оние кои сè уште не знаат што е Шамбала, на крајот од книгата ќе откријат дека тој збор веќе е свет за нив. Оваа книга е едно послание за новите светови и Новата Ера. При самото читање на книгата се доживува просветлување кое допринесува за историската еволуција на човештвото: умирањето на старата и раѓањето на новата свест, на новата надеж за спасението на светот…



