Ако мојата приказна нешто покажува, тоа е дека патот не мора да биде однапред јасен. Но мора да бидеш подготвен да тргнеш.
Нина Ангеловска Станков е едно од најпрепознатливите имиња на македонската бизнис-сцена, коосновач на еден од најуспешните стартапи Групер, пионер во македонската е-трговија, меѓународно признат бизнис-лидер, доктор на науки и првата жена министер за финансии во Македонија. За својот успех и влијание има добиено бројни признанија, меѓу кои и 30 под 30 на Форбс… Многумина ги знаат овие факти, но ретко кој ја знае целата приказна.
Од градење бизнис од нула до носење одлуки на највисоко ниво во државата, оваа книга открива што стои зад успехот – притисокот, прифатените предизвици и лекциите што не се гледаат однадор. Ништо случајно е искрено и лично сведоштво за патување низ бизнис-светот, политиката, лидерството, мајчинството и личните пресврти што го менувале нејзиниот живот. Доказ за тоа дека не треба да се чека совршениот момент, туку да се создаде.
Записи за пречките, но и за пасијата, за деноноќната работа и за начинот на кој нè обликуваат родителите и средината, за храброста да се прифаќаат промените и да се следи патот. И не е најважно каде ќе стигнеме, туку какви ќе станеме следејќи го.
Зашто за успешните приказни што оставаат трага – ништо не е случајно.



