Се израдував кога ми рекоа: „Ајде да појдеме во Домот на Господа!“ Ете, нашите нозе веќе стојат пред твоите порти, Ерусалиме!
Ерусалиме, цврсто изграден, граде, во една целина излиен!
Овде доаѓаат племињата, племињата Господови според уредбата на Израел, слава да му оддадат на името Господово.
Овде се владетелските престоли, престолите на Давидовиот дом.
Молете се за мир во Ерусалим! Благословени да се тие кои те сакаат!
Мир да има во твоите ѕидини и спокојство во твоите дворови!
Од љубов кон браќата и пријателите, ќе речам: „Мир во тебе!“
Од љубов кон Домот на Господа, нашиот Бог, ќе се молам за твоето добро.
Од Давидовата кула да се погледне на стариот Ерусалим – значи да се погледне во ритмите на историјата и на времето, во големите преобразби од кои не преостанало ништо друго освен големиот и неуништив споменик на човековото идентифику-вање со каменот. Во каменот на Ерусалим се наталожени голем оган и голема мудрост. Во камење е згуснато големо историско време. Болска и ноќе овој камен, сеедно што не го допира никаква светлина: соголен, испран, чистен од светлосни јазици на неговата земска природа. Многу претпразлив треба да биде вашиот допир со каменот тука: најпрво доближете му се со врвот на прстите и дури потоа положете ја дланката врз него: Како на фреската на Микеланџело во Сикстинската капела во мигот кога Бог го допира човекот со врвот на прстите.
Анте Поповски



