Овој роман е базиран врз животот на една мошне исклучителна и фасцинантна жена во историјата на Западот позната под името Папата Јована. Таа е една од најконтроверзните личности во историјата на човештвото, која преправена во маж, застанува на чело на Христијанската Црква и во 9 век станува прва и единствена жена која ќе седне на пресветиот папски трон во црквата Св.Петар во Ватикан.
Извонредно талентираната Јована е бунтовник. Нејзината бунтовност е насочена кон средновековните општествени структури и догми кои на жената и забранувале да чита и пишува. Кога нејзиниот постар брат ќе биде убиен при напад од страна на Викинзите,Јована ги презема неговата наметка и неговиот идентитет и заминува во манастирот Фулда каде е примена во редовите на братството. Позната под името Брат Џон Англикус, Јована се издвојува и станува еден од најголемите Христијански ученици. По многу премрежија, Јована успева да стигне во Рим, каде се заплеткува во една опасна мрежа на љубов, страст и политика. Триумфално успева да ги надмине сите ужаси и да ги искористи сите можности, па на крајот, сосема неочекувано, да застане на највисокиот трон на Христијанството.
Романот е фасцинантен живописен запис за животот во раниот среден век, ремек-дело на неизвесноста и страста во чиј центар се наоѓа една жена.