Без повод за поводи

840 ден

Поводот да се напише книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски е – книжевноста, нејзините естетски дострели, нејзините значења, нејзините пораки. Поконкретно, оваа книга е резултат на авторовите силно мотивирани и задолбочени естетички, критичко-теорeтски и книжевно-историски…

На залиха

Поводот да се напише книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски е – книжевноста, нејзините естетски дострели, нејзините значења, нејзините пораки. Поконкретно, оваа книга е резултат на авторовите силно мотивирани и задолбочени естетички, критичко-теорeтски и книжевно-историски проникнувања во развојните процеси на современата македонска книжевност.

Студиите на Антоновски се конципирани под знакот на искуствена истражувачка доминанта која се конституира како компонента на посебна и препознатлива критичарска свест. Во оваа смисла евидентна е широка, но во суштина синтетичка критичко-теориска основа која ги помирува различните тенденции, пред сè научните и креативните претпоставки, како иманентни составки на една автентична критика од модерен тип. Настојувајќи да биде доследен на таквата определба, во интерпретацијата Антоновски е рационален и аналитичен, во судот претпазлив и прецизен, во исказот смирен, со допадливи елоквентни потези подредени на јасната идеја во својот потход.

Еден повнимателен увид во прилозите од книгата „Без повод за поводи“ ќе ја покаже нивната внатрешна поврзаност и кохерентност како резултат на задлабочен пристап кон низа важни прашања што ги актуелизираа развојните процеси во македонската книжевност во изминатите децении. Притоа Антоновски не се задоволува само со толкување и расветлување, туку систематизира, споредува и оценува, остварувајќи низ аналитичкиот зафат конкретен, образложен приказ на делото во рамките на општата книжевна ситуација, имајќи притоа чувство за одредување на неговото место во хиерархијата на книжевните вредности. Во оваа смисла пред нас имаме книжевен истражувач и критичар кој со љубопитство и страст проникнал во низа суштествени прашања за развитокот на македонската книжевност, настојувајќи да толкува и да вреднува, да дијагностицира и да ревалоризира, покажувајќи притоа доволно слух за различните пристапи и гледишта во однос на предметната проблематика. Со оглед на специфичниот развој на македонската книжевност, а со тоа и на книжевно-критичката мисла, ваквата проекција доаѓа да утврди одредени стандарди од тој развој и да отвори исходиштва за успешно соочување со најновите тенденции што ги нуди самото творештво. Со тоа Иван Антоновски, автор со багaж на осведочена книжевна култура и информираност, на своевиден начин го актуализира прашањето за функцијата на критиката, за нејзиниот однос кон книжевноста, за нејзиното посредништво меѓу делото и читателот, укажувајќи на широките можности на книжевната теорија и практика.
– Проф. д-р Веле Смилевски

SKU: 039569
Категории:,
ISBN:9786081011463
АвторИван Антоновски
Издавач:Матица македонска