Кога училиштето е онаа главна оска околу која се распостелува секојдневието на современото дете, настаните што му претходат и следуваат потоа дома, на најубав можен начин можат да ги отсликаат сите тие младешки пориви, дилеми, конфликти, радости… на тоа наше дете. Токму ова е основната вредност на оваа книга, особено автентичниот дијалог кој не е обременет со измислици и конструкции и лесно, читливо и полека го отплеткува големиот јазол наречен наше секојдневие во триаголникот училиште – дете – родител.
Расказите во „Јас сум Мина, а ти?“, многу живо комуницираат со детето-читател кое се идентификува со ликовите, учествува во донесувањето одлуки, ги оправдува, или пак не постапките на носителите на дејствието. Авторката, користејќи го својот талент и долгогодишно искуство, многу умешно влегува во светот на детската фантазија, но не за да го остави детето таму, туку да придонесе детето да ги осознае и „прочита“ пораките „напишани“ меѓу редови, овозможувајќи му постојано да биде во интеракција со ликот, а не само да биде нем набљудувач на неговите постапки. Тоа се чита уште во самиот наслов, кој авторката го поставува во вид на прашање, на кое неминовно децата ќе се обидат да одговорат.



