Весна Мојсова-Чепишевска (1967). Предава група предмети од областа на современата македонска книжевност и книжевноста за деца, како и предмети од областа на македонската култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Авторкa е на десет монографски публикации (научни книги). Приредувачка е на единаесет антологии, од кои пет се објавени надвор од Македонија, а авторка е и на учебникот по македонска литература за странци „Везилка“ (2019 и 2022).
Таа е и еден од авторите на колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ (2025) на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет. Член е и на Македонскиот славистички комитет (МСК) и на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). „Од Црвенкајa до Џинџуџе“ е нејзина единаесетта книга.
„Од Црвенкајa до Џинџуџе“ на Весна Мојсова-Чепишевска го има нејзиниот препознатлив авторски глас, богат, близок и срдечен кон читателите, точен и прецизен во податоците. Како и претходната „Клуч во клучката на детството“, така и оваа означува нов датум во толкувањето на книжевноста за деца. „Од Црвенкајa до Џинџуџе“ може да се чита како мала историја и вовед во теоријата и поетиката на книжевноста за деца. – Венко Андоновски
Книгата „Од Црвенкајa до Џинџуџе“ е потреба за академската средина зашто низ стручните исчитувања на Мојсова-Чепишевска се продлажува линијата на ретки книги во македонската култура посветени на книгите за деца, на начинот на кои тие треба да се читаат и толкуваат, на начинот на кој тие треба да му се приближат на детето. Оваа книга е едно возбудливо научно патување од позната приказна за Црвенкапа до најновата, онаа за некое Џинџуџе. – Трајче Стамески



