Постојат книги што можат да ни го променат животот на подобро; книги од кои црпиме мудри спознанија, кои нè менуваат засекогаш и ја подигнуваат нашата свест на ниво од кое нема враќање во незнаење, а будењето на свеста е најдобар двигател на промените.
„Сафари на духот“ е токму таква книга – нејзината замисла е, откако ќе ја прочитате, веќе ништо да не биде исто. Оваа книга зборува за мудроста на воспитувањето на сосема поинаков начин.
Грешките во одгледувањето на децата предизвикани од незнаење ќе станат минато.
Односот меѓу вас и вашето дете навистина ќе процвета. Можеби првпат ќе го видите своето дете онакво какво што навистина е. „Сафари на духот“ ќе ви даде одговори на многу прашања што си ги поставувате како родител или како некој што ќе стане родител.
Како се чува љубовта
Мајка и дете шетаат по плажа.
Во еден момент, детето прашува: „Мамо, како се чува љубовта?“ Мајката го погледнува и одговара: „Земи малку песок и пробај да го задржиш во дланката.“ Детето зема песок и го стиска во дланката, но, колку повеќе го стиска, толку повеќе му истекува од неа. „Но, мамо, песокот ми бега!“ „Знам, а сега целосно отвори ја дланката.“ Детето ја отвора дланката, но во тој моментот дува ветар и го носи целиот песок од неговата дланка. „Ни вака не успевам да го задржам песокот.“ На тоа мајката смеејќи се вели: „Сега повторно земи малку песок и држи ја дланката како лажица, доволно затворена за да го заштитиш, а доволно отворена за да биде слободен.“ Детето прави како што му е речено и песокот му останува во дланката, доволно заштитен од ветрот, а и слободен за да не му се лизга низ прстите. „Ете како се чува љубовта…“



