Книгата е составена од три самостојни прозни целини, во кои, во секоја на свој начин, доаѓа до израз сфаќањето на авторката дека нејзината задача не е да дава готови одговори и решенија, туку да ги пронаоѓа и да ги овоплотува преку збор, слика или некој друг уметнички облик, и да ги прави видливи и гласни прашањата или загатките кои ги поставува самиот живот, природата, универзумот.
Во првата новела, „Барокна приказна“, можеби, оваа идеја е дадена најексплицитно. Преку фиктивната приказна за сликарка опседната со убавината на еден град и еден пејзаж, се поставува прашањето за моќта на уметноста во човековиот живот, но и за нејзиното место и смисла надвор од тродимензионалниот свет.
Во новелата „А сето тоа можев да ти го кажам“ тежиштето се пренесува на зборот и тоа како на главен инструмент на човечката комуникација, но и на уметничкиот израз. Зборот понекогаш затајува во меѓучовечките односи, а толку изобилно, штедро навира во имагинацијата.
Во третата новела „Тоа е само збор“, преку една незадолжителна, летна игра, со испреплетување на стварни и замислени настани, со стварни и измислени паметења и искуства, се прави обид да се поврзат точките на почетокот и на крајот, да им се погледне спокојно в очи на неминовностите на човечкиот живот.



