Блаже Миневски е новинар по професија а прозен и драмски автор по вокација.
Како новинар ги има добиено наградите „Крсте Петков Мисирков“ и „Мишо Хаџивасилев-Јасмин“ а како писател наградите „Стале Попов“, „Роман на годината“, „Рациново признание“, наградата „Букстар“ и наградата на Град Скопје – „13-ти Ноември“.
Романите на Блаже Миневски се преведени на англиски, полски, ерменски, бугарски, руски, словенечки, арапски, хрватски, кинески, српски и италијански јазик.
Неговите драмски текстови со години беа на репертоарите на македонските професионални театри, но се играа и како премиери на Охридско и Скопско лето, а текстот „Немушт јазик“ ја доби наградата на МНТ за најдобар драмски текст во 2001 година.
Со претстави работени по негови текстови, македонските театри имаат гостувано во Русија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Албанија и Србија, а за некои од нив има добиено и награди на фестивалиот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Блаже Миневски е застапен во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните триесетина година во Македонија и надвор од неа, а негови раскази се преведени на повеќе од дваесет јазици во светот.



