„Неговите нараторски способности, што од позиција на прво лице, што од позиција на трето лице, ни ја доловуваат суштината нам како читатели и нè внесуваат во фабулата на секој негов расказ или анегдота и на тој начин лесно ја сфаќаме неговата поента.
Авторот многу умешно и визуелно ги претставува сите случаи и настани, кои на моменти ни наликуваат и на драмски пиеси, всушност читателот може многу сликовито да ги доживее сите настани и случаи преку кои авторот нè навраќа во минатото. ‘Дешавки’ од Ацо Ѓоргиев, не е само книга со кратки хумористични творби, туку тоа е цело сведоштво за животот на луѓето од неговата околина во минатото, а некаде се среќава и животот во сегашноста. Во неговите раскази доминираат теми од секојдневието на луѓето, се среќаваат многу познати имиња, познати прекари и личности од неговото блиско и подалечно опкружување, личности кои оставиле белег во неговата меморија, а тој успеал да ги овековечи и зачува од заборав, давајќи им место во својот книжевен опус.“



