Кога Џонатан Харкер е повикан да оди во Трансилванија на Карпатите во врска со купопродажба на недвижен имот, тој не знае дека влегува во дувлото на крволочниот вампир, грофот Дракула. Дракула спие во тивок гроб под својот пуст замок. Погледот му е студен, а лицето му е смртно бледо.
Но, на неговите усни има подбивна насмевка – и капки свежа крв. Тој е мртов со векови, а сепак не може да умре…
Тука започнува трката чија цел е да се спречи Дракула да го шири своето проклетство надвор од Трансилванија, а приказната за Дракула се расплетува низ разни писма, Дневнички записи и исечоци од весници.
Иако Брам Стокер не го измислил вампирот Дракула, влијанието од неговиот роман врз популарната култура е непобитно; Стокер, во суштина, ја дефинирал модерната форма на грофот Дракула, која послужила како инспиративен извор за безброј театарски, филмски и телевизиски интерпретации.



