Бојан Ристески е роден на 10 октомври 1993 година во Прилеп, а денес живее во Брно, Чешка Република. По дипломирањето на Факултетот за физичка култура во Скопје, кратко време работел како професор по спорт, фитнес тренер и фудбалски судија. Неговата љубопитност и љубов кон светот го поведоа на патувања што го довеле до Чешка, каде продолжува да ја гради својата животна приказна.
Три доблести го водат низ секојдневието – мир, трпение и вера во Бог. За него тие не се само зборови, туку светлина што го потсетува дека ви-стинскиот предизвик е да ги задржи меѓу луѓето, таму каде што животот е најжив.
Животот на фудбалскиот судија Александар е патување низ лавиринт од судбини, страсти и предавства. Во неговата потрага по смислата на постоењето се испреплетуваат човечки приказни со драматични пресврти: искрена љубов што се претвора во болка, надеж што се губи во сенка, и светлина што постојано се соочува со мракот на разочарувањето и омразата.
Секој лик што го сретнува носи ново искушение, нова тајна и нова вистина. Неговите средби се понекогаш неверојатни, понекогаш сурови, но секогаш откриваат дел од реалноста што ретко се гледа на површината. Зад сите овие судири се крие силна општествена критика – огледало на светот во кој живееме.
Паралелно со неговата приказна се развива уште една личност од друг простор и друго време, која на мистериозен начин е тесно поврзана со Александар. Двете судбини, иако оддалечени, се спојуваат во една целина што го предизвикува читателот да се запраша: дали навистина постои случајност, или секој чекор е дел од поголема, невидлива приказна?
…Со секој изустен збор, чувствував како ми се распарчува срцето на илјадници парчиња. „Зошто неа?! Зошто не мене?! Зошто не мене?!“, ‘ржев, барајќи спас, молејќи го Господ да го врати минатото, молејќи го да ми го врати суштеството што безмилосно го одзеде. Од болката што сакаше да прсне од моето тело, како пајажина, сите вени на вратот и на рацете излегоа над кожата. Гласниот плач се рашири низ ходниците….



